Дислексичниот милијардер кој стигна до вселената, кој е Ричард Бренсон?
Медиумите деновиве се полни со приказни за британскиот претприемач, дислексичар, милијардер и астронаут Ричард Бренсон, кој пред неколку недели го исполни својот детски сон и летна во вселената, со што ја отвори ерата на вселенскиот туризам.
Како син на шанкер и стјуардеса, Бренсон никогаш не завршил средно училиште, но успешно го развил својот бизнис – почнал со продажба на списанија и музички плочи и стигнал до изградба на вселенски бродови. Факт е дека во животот бил воден од генијални, авантуристички идеи.
Бренсон има 50-годишна кариера. Во моментов, под контрола на овој 70-годишен претприемач се 400 компании кои се занимаваат со разни активности, а неговото богатство се проценува на 5,9 милијарди долари.
Кој е Ричард Бренсон?
Роден е на 18 јули 1950 година во Сари, Англија. Имал дислексија, не се снаоѓал добро на училиште, па го напуштил средното образование на 16-годишна возраст, по што започнал бизнис во музичката индустрија.
Тој вели дека во тоа време дислексијата била третирана како хендикеп и неговите наставници тврделе дека е глупав, мрзелив и ученик кој едноставно нема никаков потенцијал во животот.
На сето тоа, од денешна перспектива, тој слатко се потсмевнува и само кажува дека Алберт Ајнштајн, Хенри Форд, Томас Едисон и многу други успешни личности имале дислексија.
Како ученик во средното училиште „Стоу“, на директорот му дал писмо со детално објаснување за тоа како треба да се води училиштето. Директорот Роберт Драјсон, инаку ветеран од Втората светска војна, му рекол дека или ќе заврши в затвор или ќе стане милионер. Денес Ричард Бренсон е милијардер.
Го почнал магазинот „Студент“, чиј прв број се дистрибуирал бесплатно во тираж од 50.000 примероци, а трошоците биле покриени со приходи од маркетинг во износ од 8.000 долари.
Во 1969 година живеел во комуна во Лондон, опкружен со музичари од британската сцена, кога добил идеја да основа компанија за испорака на музика за финансирање на списанието. Компанијата работела скромно, но доволно добро да му овозможи да ја прошири својата деловна активност, па подоцна успеал да отвори продавница за плочи на познатата улица „Оксфорд“.
Со оглед на тоа што продавницата имала добар профит, Бренсон отворил музичко студио во 1972 година во Оксфордшир – „Вирџин рекродс“. Првиот пејач што снимил сингл бил Мајкл Олдфилд, во 1973 година. Песната „Tubular Bells“ веднаш станала хит и останала на британските топ-листи 247 недели.
Набрзо Бренсон почнал да потпишува договори со групи како „Секс пистолс“, „Калчр клаб“, „Ролинг стоунс“, па „Вирџин рекродс“ станала една од шесте водечки музички компании во светот.
Познат по авантуристичкиот дух, Бренсон го срушил светскиот рекорд во 1987 година како прва и единствена личност што го преминала Атлантикот со најголемиот балон со топол воздух. Во 1991 година повторно се нашол во балонот, кога прелетал 11.000 километри над Тихиот Океан, со брзина од 400 километри на час.
Како што напредувал бизнисот, така и Бренсон ја проширувал својата империја. Во 80-тите години тој ја купил туристичката компанија „Војаџер груп“ и станал сопственик на „Вирџин Атлантик“. Но, во 90-тите години компанијата имала финансиски проблеми и била продадена во 1993 година за една милијарда долари. Ричард одлучил да остане во музичкиот свет и во 1993 година го основал „Вирџин радио“, а три години подоцна основал уште една музичка компанија – „В2“.
Во 1999 година кралицата Елизабета му ја доделила титулата сер за неговиот придонес во претприемаштвото.
По втората музичка компанија, Бренсон продолжил да ја шири „Вирџин груп“. Денес, групацијата работи во 35 земји и има 70.000 вработени. Неговите компании се занимаваат со мобилна телефонија, железнички транспорт, вселенски туризам, а Бренсон поседува и хотели, радиостаници и музички компании.
Денес Ричард Бренсон живее на британските Девствени Острови, поточно на островот Некер, кој го купил во 1978 година за 180.000 долари.
Приказната за Made by dyslexia
Неговата хуманитарна организација – Made by dyslexia, има спроведено истражување преку кое е дојдено до податок дека само 3 проценти од испитаниците ја сметаат дислексијата како позитивна особина кај луѓето.
„Време е да се променат стигмите околу дислексијата“, изјави тој. „Дислексијата не е недостаток, туку саморазличен начин на размислување.“
„Откога го напуштив училиштето и анархистичките училишни практики и предрасуди, мојот ум се отвори. Надвор, во реалниот свет, мојата дислексија стана масивна предност: ми помогна да размислувам креативно и да гледам решение онаму каде што сите гледаа проблем.“
Тој вели: „За да ги смениме перцепциите за дислексијата, мораме да покажеме и докажеме дека дислексичарите можат да постигнат многу, а со тоа ќе направиме младите луѓе со дислексија да не се откажуваат уште пред да почнат.“
„Мораме да се осигуриме дека секое училиште има капацитет и познавања за идентификација на дислексијата, но и да им ја дадеме потребната поддршка на сите дислексични шампиони да се изградат како вистински личности.”
Бренсон се надева дека неговата нова хуманитарна организација ќе успее да развие кампањи со кои ќе се објасни дислексичниот начин на размислување, но, исто така, се надева и на голема соработка со владините институции, бизнис-лидерите и индивидуалци во идентификацијата и инспирирањето на дислексичарите.
Тој додава: „Еден од десет Британци има дислексија. Тоа се повеќе од шест милиони луѓе. Само замислете ја разликата што можеме да ја направиме, ако секој еден од овие луѓе биде охрабрен да го постигне својот потенцијал и да се стреми неговиот сон да стане реалност, а дислексичарите – верувајте, имаат бујни соништа.”
Previous post
Девет годишниот ученик со дислексија креираше уникатен мозаик од рубикови коцки
Next post