Дефинирање на дислексијата 1/2
Светската федерација на невролзи 1968 година
“Дислексијата претставува нарушување од конституциско потекло, кое се карактеризира со тешкотии во учењето, читањето, пишувањето и покрај дадените адекватни образовни инструкции и присуство на нормална интелигенција и нормално социокултурно опкружување”

Во оваа дефиниција, важно обележје за тешкотиите во учењето е достигнатото ниво на читање, кое е на значително пониско ниво во однос на возраста на личноста. Оваа дефиниција во денешно време се смета за застарена со оглед на фактот дека е предложена во далечната 1968 година.
Дефиницијата на Европското здружение за дислексија (EDA) гласи: „Дислексијата е различност што го отежнува процесот на стекнување и користење на вештините за читање, учење и пишување.” Оваа различност има невролошко потекло. Когнитивните тешкотии, што се позадина на таа различност, може да влијаат и на организациските вештини, математичките способности и емоционалните способности на личноста. Може да се појави во комбинација со проблеми во фонолошка обработка, работната меморија, секвенците и автоматизација на основните вештини.
Британското здружение за дислексија (BDA), истата ја дефинира како: „ Дислексијата претставува различност во учењето што првенствено влијае на вештините за читање и пишување.”

Во денешно време најсеопфатната и најчесто користена дефиниција е дефиницијата предложена од Интернационалното Здружение за Дислексија која гласи: „Дислексијата е специфична попреченост во учењето со невробиолошко потекло. Ја карактеризираат тешкотии со точноста и/или флуентноста со препознавањето на зборовите и тешкотии во спелувањето и способноста за декодирање. Овие тешкотии произлегуваат од дефицит во фонолошката компонента на јазикот. Овој дефицит е неочекуван кога ќе се земат предвид другите когнитивни способности и постоењето на ефективна инструкција во училницата. Секундарните последици може да вклучуваат проблеми во сфаќањето на прочитаното. Скратеното искуство во читањето може да го наруши богатењето на речникот и познавањето на поимите (IDA, 2002). Ова е многу важна дефиниција бидејќи ја дефинира најважната причина за дислексија – фонолошкиот дефицит, кој е изворот за тешкотијата кај лицата со дислексија. Оваа тешкотија е претставена со проблеми во поврзувањето на говорниот јазик (фонемите/гласовите) со печатените букви (графемите) и ја одделува дислексијата од другите тешкотии во читањето.
