Чекор 6 – Помош надвор од училиштето
Доколку напредок не се забележува и покрај промена на пристапот кон ученикот, и ако работата со специјалниот едукатор и рехабилитатор не дава видливи резултати, тогаш родителите за тоа треба да бидат известени и советувани да побараат дополнителна помош од стручно лице , надвор од училиштето . Во поразвиените земји постојат национални агенции за поддршка на ученици кои имаат тешкотии со читање и пишување, а исто така постојат и голем број на приватни центри кои нудат услуги за корекција на дислексија. Корекцијата на дислексијата бара исклучиво индивидуален пристап што подразбира работа само со еден ученик и тоа исклучиво со примена на специјализирани методи за корекција на состојбата. Во нашата држава се уште дислексијата не е опфатена како посебна состојба во законската регулатива и не постои национално тело со специјализирани кадри кое би понудило поддршка за ученици со дислексија, па родителите се принудени да бараат помош на сопствен трошок во приватните центри и специјалисти за дислексија кои за жал кај нас ги има во многу мал број.

Родителите исто така можат да бидат советувани да се обратат во Здружението за дислексија Ајнштајн, кое е единствена организација во државата што се занимава со оваа проблематика. На веб страната на Здружението АЈНШТАЈН www.disleksija.org.mk родителите, но и наставниците може да се најдат многу корисни информации преку кои дополнително ќе бидат мотивирани да им помогнат на своите деца и ученици.
