Застапеност на дислексијата
За дислексијата многу често се вели дека е скриен недостаток. Токму поради таа причина не може да се утврди точниот број на децата и возрасните што ја имаат оваа состојба. Тоа е така поради тоа што кај многу деца дислексијата е доцна откриена, голем дел од дислексичарите применуваат многу добри стратегии за прикривање на своите недостатоци, што процесот на откривање на дислексијата кај нив го прави уште потежок. Постојат држави и општества каде што дислексијата е сè уште непозната состојба, и во едно такво опкружување на неинформираност, може да се каже дека дислексијата воопшто не е застапена, иако тоа не е така. Британското здружение за дислексија проценува дека во западниот свет дислексијата е застапена кај околу 10% до 15% од населението.
Во Обединетото Кралство е спроведено истражување дека само 57% од студентите со дислексија што се запишале на факултет биле свесни дека имаат дислексија. Во Босна и Херцеговина е направено истражување за застапеност на дислексија помеѓу студентите и е докажано дека 4% од студентите имаат дислексија. Тука треба да се земе предвид дека и во Босна и Херцеговина нивото на информираност за дислексијата е на многу ниско ниво, и голем дел од средношколците што имаат дислексија, не го продолжуваат своето образование
Здружението АЈНШТАЈН спроведе неофицијално истражување за застапеноста на знаците на дислексија помеѓу средношколците од 2017 до 2018 година. Истражувањето беше спроведено на примерок од 2700 средношколци од прва година гимназиско и средно стручно образование. Истражувањето се спроведуваше во 16 средни училишта од територијата на целата држава, односно по две средни училишта од плански регион. По анализирањето на добиените податоци се покажа дека 12,2% од испитаните ученици покажуваат знаци на дислексија, со што се доби значителна статистичка разлика помеѓу училиштата каде што има гимназиско и стручно образование, како и помеѓу училиштата каде што учат ученици Македонци и ученици Албанци.
Целосната анализа од истражувањето можете да ја погледнете тука

