Чекор 2. Интервју со ученикот
Од разговор со ученикот можете да дознаете многу за него. Затоа одвојте време и разговарајте со ученикот во тивка атмосфера надвор од погледите на соучениците. Со поставување на прашања ќе дознаете што е за него лесно а што тешко и кои стратегии ги применува за учење . Пристапете му на ученикот пријателски за да ја почувствува вашата волја дека сакате да му помогнете.

Еве некои прашања што можете да му ги поставите:
- Кога читаш , што се случува со зборовите на страницата?
- Дали брзо се заморуваш кога читаш или пишуваш? Дали ти се заматуваат буквите? Или можеби мрдаат?
- Дали понекогаш те боли главата или стомакот кога читаш?
- Како се чувствуваш кога треба да прочиташ нешто на глас?
- Што е лесно а што е тешко кога пишуваш?
- Како ги препишуваш зборовите од табла? Дали го гледаш целиот збор и го пишуваш или ја гледаш секоја буква посебно?
- Дали го губиш редот кога пишуваш или читаш?
- Како се чувствуваш кога ќе ти дадам неколку задачи одеднаш, на пример : да ја отвориш читанката на одредена страница и да прочиташ некој дел од текстот?
- Дали ти е тешко да запомниш што ви задавам за домашна задача?
- Дали ти пречи кога има врева во одделението?
Треба да бидете внимателни и прашањата да ги поставувате преку разговорот со ученикот, за да не се почувствува дека го тестирате или го испрашувате. На овој начин воспоставувате пријателска комуникација со ученикот. Забележете ги одговорите на ученикот.
