Чекор 5 – Вклучување на специјалниот едукатор и рехабилитатор како дополнителна поддршка
Во консултации со родителите и ученикот, доколку наставникот не може да согледа видливи знаци на подобрување на успехот на ученикот, потребно е да се вклучи и училишниот специјален едукатор кој би работел со ученикот на дополнителни часови. Специјалниот едукатор треба да примени техники на подучување, соодветни за лица со дислексија во областите во кои се забележани тешкоти. При работа со ученикот специјалниот едукатор пред се треба да го утврди стилот на учење кој најповеќе му одговара на ученикот за да може да му даде соодветна поддршка при совладување на училишниот материјал.

Доколку ученикот подобро учи преку слушање, односно има аудитивен стил на учење како доминантен, тогаш поддршката треба да биде заснована на дискусии за темата која се обработува . Ученикот треба да се поттикнува да ги повторува работите што ги слуша. За учениците со аудитивен стил на учење важно е уште на почетокот на часот да бидат запознаени што ќе учат на часот и што ќе научат. На крајот на часот треба накратко да му се даде резиме за она што се зборувало на часот.
Учениците што имаат визуелен стил на учење подобро памтат доколку она што се зборува е проследено и со илустрации. За да се постигнат добри ефекти и полесно совладување на материјалот, треба да се применуваат илустрации,графикони , видеа или други визуелни средства.
Учениците со кинестетичко – тактилен стил на учење , најдобро учат преку допир и движење. На пример полесно ќе ги научат буквите доколку ги моделираат со пластелин или ги испишуваат во воздух. Лесно може да ги вознемират надворешни звуци и движења и затоа е потребно да се обезбеди мирна средина за учење. Користење на маркери за обележување на клучните поими им го олеснува учењето. На овие ученици им се потребни чести кратки паузи при учењето.

Работата со специјалниот едукатор ќе му помогне на ученикот полесно да го совладува училишниот материјал и да покажува подобри резултати. Доколку тој има дополнително образование за работа со ученици со дислексија, тогаш во голема мера може да помогне и во надминување на дислексичните тешкотии поврзани со читањето и пишувањето.
Важно да запомниме!
Ученикот кој се соочува со тешкотии во читањето и пишувањето, треба да биде набљудуван во текот на школската година и да се проценува напредокот од имплементираните стратегии.
