Инструкции за читање
Ние сме навистина среќни што во денешно време постои многу добро сфаќање за тоа како треба едно лице да се подучува на читање. Ова произлегува од големиот број истражувања кои се спроведени за алфабетски јазици како италијански, англиски, норвешки, шведски и многу други јазици кои се засновани на кореспонденцијата буква-глас.
Алфабетски јазици се оние кои користат симболи наречени букви како репрезенти на гласовите на јазикот. Ако еден ученик го разбира јазикот, тој/таа може да научи да чита преку учење на овие врски (специфични за секој јазик) меѓу буквите и гласовите.
Во едно истражување спроведено од Tunmer и Hoover во 1992 година, е покажано како се совладува читањето и кои специфични когнитивни вештини се вклучени во читањето. Денес ние разбираме дека иако когнитивните вештини и физичките способности (како меморијата, ориентацијата, движењето на очите) се есенцијални за читањето, подобрувањето само на овие вештини само по себе не овозможува подобрување на читањето. Во таа насока, многу е важно да се напомене дека учениците се описменуваат преку подучување на читање и пишување.
Извештај од Националниот одбор за описменување на САД од 2000 година (NICHD, 2020)
Започнувајќи во 1997 година, повеќе од 100 000 истражувања се собрани и евалуирани од американскиот владин одбор, именуван од Националниот институт за здравје на децата и наречен Национален одбор за описменување (НОП). Овој одбор работел три години со цел да ги евалуира сите релевантни, најсоодветни и важни истражувања во врска со што е тоа добра инструкција за читање.
Најважниот заклучок на НОП во нивниот извештај од 2000 година е дека единствениот ефективен пристап за читање е директна експлицитна инструкција – односно читање кое е засновано на фонологијата и кое вклучува 5 компоненти од процесот на читање и читање кое е креирано според потребите на детето. За нас е многу важно да сфатиме дека крајната цел на учењето на читањето на текст е да се разбере (во јазична смисла) текстот, што најчесто се нарекува сфаќање на прочитаното. Кога на разбирањето на прочитаното ќе ја додадеме способноста за точно декодирање, ја добиваме флуентноста во читањето.
