Профил на ученик со дислексија 1/1
Идентификувањето на ученик со дислексија може изгледа комплицирано, но во суштина не е. Иако често се вели дека дислексијата е скриен проблем, ако внимателно се следат училишните постигнувања на ученикот, дислексијата многу лесно ќе се детектира. Ова првенствено се должи на фактот што децата во тој период почнуваат интензивно да создаваат одбранбени стратегии за кои ќе зборуваме понатаму, преку кои многу вешто успеваат да ги прикријат тешкотиите предизвикани од дислексијата. Ова е една од главните причини поради кои наставниците од пониските одделенија на основното образование ја претставуваат главната алка во идентификацијата на учениците со дислексија. Сепак, не треба да се обесхрабрувате доколку сте предметен наставник, ако детално ги проучувате тешкотиите со кои се соочуваат учениците со дислексија, сигурно ќе можете да ги препознаете овие ученици и да им понудите соодветна поддршка.
За да може лесно да се идентификуваат учениците со дислексија, мора да се познаваат тешкотиите со кои тие се соочуваат. За таа цел, неопходно е да се препознаат знаците кои укажуваат на оваа состојба. Знаците за препознавање можат да се поделат во неколку категории: читање, пишување, броеви и математички концепти, говор и јазик, просторна и временска ориентација, моторни вештини, обработка на податоци и однесување на ученикот (Snowling, 2013).
За да се посомневаме дека еден ученик има дислексија, ученикот мора да покажува поголем број од овие знаци во подолг временски период. Доколку ученикот покажува некои од знаците кои ќе бидат прикажани во следните лекции, не значи дека ученикот со сигурност има дислексија. Затоа, идентификацијата на ученикот со дислексија претставува процес кој трае неколку месеци, во кои ученикот интензивно се следи.
