Самодоверба
Самодовербата е особина која е од голема важност за секој човек. Позитивната самодоверба влијае на сигурноста и на мотивацијата во учењето. За жал, особено учениците со дислексија се во ризик за слаб развој на самодовербата. Тие често се чувствуваат различни кога се споредуваат со останатите ученици, и исто така доживуваат многу фрустрации кои често се предизвикани од дислексијата. На пример, не им е лесно да ја задржат самодовербата во услови кога согледуваат дека тие се побавни во зборувањето и реагирањето од другите. Ова може да се манифестира кај децата со дислексија – како дома, така и на училиште. Ако ученикот доживее успех во училиштето, ќе развие позитивни чувства за самиот себе и верба дека може да успее во животот. Но, доколку доживее неуспех и фрустрација, учи да биде инфериорно во односот со другите. Наместо чувството на сила и продуктивност, тие мислат дека средината ги контролира. Имаат чувство дека немаат сила и дека не се компетентни.
Истражувачите утврдиле дека учениците што немаат тешкотии, по постигнатиот успех добиваат дополнителна мотивација за успех. Но тоа не е случај со учениците кои имаат потешкотии во читањето и пишувањето. Поради постојаното укажување на нивните грешки тие живеат со постојано убедување дека секој нивни нареден чекор ќе биде погрешен. Дури и кога ќе бидат пофалени за некој нивни успех, тие тоа го препишуваат на случајност или среќа.
Постои поврзаност помеѓу вештините за читање и самодовербата. Ученикот со висока самодоверба вообичаено покажува подобри резултати во училиште. Односот помеѓу самодовербата и училишната работа е реципрочен; ниската самодоверба влијае на училишната работа (постигнувања), но, од друга страна, слабите постигнувања влијаат на самодовербата.
Високата самодоверба исто така е поврзана со емоционалното приспособување и физичкото здравје на ученикот. Ова е причината заради која е значајно учениците со дислексија да се идентификуваат рано и да им се даде соодветна помош.
