Техники за учениците што учат визуелно и имаат тешкотии со пишувањето и текстовите
За учениците што учат визуелно
Некои ученици имаат силно развиена визуелна меморија. Ова може да биде од корист при учењето. Некои ученици можат да се потсетат на изгледот на страницата на белешките што ги запишале, што навистина помага во решавањето на зададената задача. Користете листови во боја, поголем проред, болдирања, подвлекување со маркери, стикери, шеми, дијаграми и илустрации при пишувањето на забелешките, на тој начин учениците со дислексија ќе можат многу полесно да го запомнат материјалот. Корисна метода тука е методот на концепт-мапирањето, кој е детално објаснет во лекцијата за стратегии за меморирање.
За учениците што имаат потешкотии со текстовите и пишувањето
Некои ученици имаат проблем со дешифрирањето и разбирањето на значењето на комплексните текстови. Речиси секогаш учениците со дислексија речениците треба да ги препрочитаат по неколку пати за да можат убаво да ги разберат. Најлесен начин да се надминат овие проблеми е да се подвлекуваат главните и важни работи од текстот, со што ќе се елиминираат сите непотребни реченици. Учениот секогаш треба да ја знае целта на читањето, односно зошто го чита тоа. Корисно би било ученикот со дислексија додека чита, да си запишува и забелешки. Читањето на текстот на глас кај некои ученици помага во разбирањето на прочитаното. Доколку ученикот чита интернет содржини корисна алатка би била додавката за Google Chrome “Бато”. Бато е бесплатна додавка која ги трансформира сите веб содржини во фонтот DyslexicFZF и нуди можност за зголемување на текстот и менување на бојата на позадината. Додавката Бато можете да ја преземете преку кликање ТУКА .
Доколку пишувањето му претставува проблем на ученикот со дислексија, одвојте време насамо да поразговарате со ученикот, погледнете го неговиот напишан текст и смирено укажете му на грешките кои ги направил. При пишување на компјутер, најкорисна алатка е spell-checker (правописна проверка) каде што сите погрешно напишани зборови на ученикот ќе му бидат подвлечени со црвено, па така ќе може да увиди каде прави грешки при пишување.
