Што претставува дислексијата? 1/2
Децата во својата најрана возраст интензивно се развиваат и се осознаваат себеси и опкружувањето на секој можен начин. Низ игра децата го истражуваат и го откриваат светот околу нив, развивајќи способности да комуницираат со возрасни и други деца. Во најраното детство, односно во предучилишната возраст од детето се очекува да има развиено комуникациски и социјални вештини, да има добра координација при одење, трчање и скокање како и да има развиени вештини да ракува со мали предмети и да фаќа дофрлен предмет со сигурност и контрола. Исто така , од дете во предучилишна возраст се очекува да препознава форми, облици, количини како и да има смисол за рима и ритам. Детето во предучилишна возраст е истражувач, љубопитно е за неговото опкружување, за светот околу него и очекувано е постојано да поставува прашања за се што не му е познато.

Во најраната возраст децата може да покажуваат интерес за најразлични нешта. Така на пример, некои деца сакаат да цртаат или да моделираат. Други пак се одлични при комуникација и имаат вокабулар својствен за понапредна возраст или пак покажуваат афинитети кон спорт или музика.
Со отпочнување на формалното образование, кога започнува процесот на описменување и стекнување на вештини за читање, пишување или математика, одреден број на деца се соочуваат со тешкотии при совладување на овие вештини и во подолг временски период. За децата кои имаат ваков вид на тешкотии велиме дека имаат “специфични тешкотии при учењето“.
