Кога треба да се користи терминот „ дислексија“
Важно е да се нагласи дека дислексијата не претставува болест и во никој случај не треба да се зборува за дислексијата како „дијагноза“ што претставува медицински термин. Кога се зборува за состојбите со отежнато читање и пишување треба да се зборува за идентификација или препознавање на дислексија како тешкотија.
Родителите, класните раководители како и училишните психолози, педагози специјалните едукатори треба да работат и да разговараат со ученикот во врска со одлучувањето дали терминот дислексија треба или не треба да се користи, откако е препознаена дислексијата кај ученикот. Во секој случај треба да се земат во предвид индивидуалните и општествените околности при донесување на ваква одлука. Важно е за ова прашање да се разговара со родителите и со детето за да се утврдат дали и кога сакаат да се користи овој термин.

Голем број на деца кои имаат проблеми со читањето и пишувањето, често се етикетирани како глупави, мрзливи, а во некои случаи и како ретардирани. Со оглед на фактот дека учениците со дислексија се со просечна и најчесто со натпросечна интелигенција, разбирливо е дека ќе доживуваат фрустрации и лоша слика за себе, што понатаму може да се рефлектира и во начинот на однесувањето. Досегашните искуства покажуваат дека учениците ја претпочитаат етикетата дислексија наспроти другите навреди кои ги добиваат од соучениците, наставниците и родителите. Веројатно, сознанието дека имаат дислексија ги спречува овие ученици да се обвинуваат себеси за одреден неуспех во училиште и да имаат позитивен пристап кон проблемите.
Сепак, именувањето на еден ученик како ученик со дислексија има и одредени ризици, особено во услови на недоволни познавања на состојбата од страна на наставниците, недоволно развиената свест, неинформираност за дислексијата кај учениците и родителите. Едукацијата на наставниците, психолозите, педагозите и специјалните едукатори е круцијален фактор за решавање на овој проблем и за подобрување на условите за образование на децата со дислексија.
Важно да се запомне!
Одлуката дали во своето одделение/училиште ќе соопштите дека ученикот има дислексија е нешто што морате да го направите во консултација со родителот и самиот ученик.
