Идентификација на дислексијата
Во развиените земји каде што дислексијата е позната повеќе од 30 години има разработени системи за идентификација на дислексијата. Во нашата држава нема воспоставено стандардизирани процедури за идентификација на дислексијата и другите специфични тешкотии во учењето како што се дисграфија , дискалкулија, диспраксија или АДХД. Согласно истражувањата направени во изминатиов период, утврдено е дека повеќе од 12% од учениците можеби се соочуваат со дислексија поради што постигнуваат послаби резултати во текот на образованието. Затоа е неопходно наставниците, психолозите, педагозите и специјалните едукатори да се едуцираат и да ги прошируваат знаењата во оваа област за да можат навреме да ја препознаат дислексијата кај учениците, а потоа да им овозможат и соодветна поддршка.
Зошто е важно да се идентификува дислексијата
- За да се дефинираат потребите на ученикот
- За да се организира соодветна интервенција
- За да се превенира губењето на самодовербата
- За да се направи разлика меѓу потребите за различен стил на учење
- За да се подобри општиот успех во одделението
Идентификување и оценувањето на дислексијата е тековен процес на собирање информации во текот на одреден временски период. Ова бара заеднички пристап и споделување на професионални знаења меѓу училишниот персонал, со цел ефикасно да се задоволат образовните потребите на учениците и да се промовираат техники за успешното учење.
Неформалното идентификување на дислексијата кај учениците кои имаат тешкотии со учењето, особено при читање и пишување треба да се спроведе во самите училишта. Познавајќи ја природата на дислексијата како пречка при учење и познавајќи го профилот на учениците со дислексија, наставниците и стручниот кадар (психолог, педагог, специјален едукатор и рехабилитатор) во училиштето лесно ќе можат да ги препознаат областите во кои учениците наидуваат на пречки и притоа да им овозможат соодветна поддршка, согласно нивните потреби.
